Да се биде Македонец, значи да се знае да се сака и брани Македонија и македонското во неа, така како што знаел да ја сака и ја бранел Ѓорѓија Пулевски.
Дал’ сте чуле, Македонци, стари људи оту говорат:
От Македонци појунаци над них не било-
Цар Александар Македонски тристо лета пред Христа
Со Македонци сву вселену повладал
Наш краљ Филип – Славјанин је, Цар Александар – Славјанин
Наши баби Славјанки ги родиле.
Македонци, сетите се за јунакство македонско,
та спроти старих вије сега да следувате.
Дел од текстот на „Самовила Македонска“,Ѓорѓија Пулевски, 1879.
Биографија за Ѓорѓија Пулевски
Ѓорѓија Пулевски или Ѓорѓи Пулевски (1817, Галичник – 13 февруари 1893, Софија ) бил самоук галички ѕидар и печалбар, еден од првите комити и револуционери, војвода и поет, учебникар, фолклорист и етнограф, лексикограф, граматичар, историчар и културно-национален идеолог. Тој е најизразитиот и најголемиот македонист во ова време, македонски писател на кратки дела и лексикограф.
Роден во селото Галичник, Ѓорѓија од печалбар-ѕидар во Романија својот животен пат ќе го продолжи низ разните ослободителни војни и востанија во текот на целата втора поволина на XIX век. Борбата за слобода на својот народ ја започнува учествувајќи во ослободителната борба на другите балкански народи. Верувајќи дека со тоа се бори и за својата татковина, Пулевски најпрвин се вклучува како доброволец во ослободителните акции, во настаните од 1862-1863 година кога, како наредник на понтонерската чета, се бори против турскиот гарнизон во Белград. Потоа, по избувнувањето на Српско-турската војна (1876), тој пак се вклучува како доброволец, на страната на српската војска.
Веќе во следната година започнува Руско-турската војна и Пулевски е одново со својата чета во редовите на авангардата на руската армија за време на ослободувањето на Бугарија.
Во 1878 Пулевски активно учествува како војвода во Кресненското востание, ставајќи се директно во функција на борбата за слобода на македонскиот народ.
По неуспехот на Македонското (Кресненско) востание, Пулевски заминува во Софија, каде во 1879 година сепаратно ја публикува првата патриотско-политичка поема во нашата литературна историја „Самовила Македонска“, во која ги споменува Филип Македонски и Александар Македонски како предци на денешните Македонци, кои 300 лета пред Христа ја повладале целата вселена. Во неа е одразена идеологијата на македонските учесници во Македонското (Кресненско) востание.
Како дел од активноста на Пулевски сред македонската емиграција во Софија е и формирањето на Словеномакедонската литературна дружина во 1888 година, под негово претседателство. Таа има особено значење како прва македонска литературна асоцијација воопшто и тоа е само уште еден доказ за неговата патриотска културна дејност и национално-политичка ориентација.
Творештво
Негово првопечатено дело е „Речник од четири јазика“ (или четиријазичник), објавено во Белград во 1873 година.
Тоа е всушност петјазичник, бидејќи во колоната на српскиот јазик дава лексички материјал од двата блиски, но сепак различни јазика: македонскиот и српскиот.
Втората објавена книга на Пулевски е „Речник од три јазика“ (тријазичник), објавена исто така во Белград во 1875 година. Ова дело е особено значајно поради јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија, за македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни во словенскиот свет.
Во 1879 година Пулевски сепаратно ја публикува првата патриотско-политичка поема во нашата литературна историја „Самовила Македонска“
Во тоа време ја објавил и првата одделна стихозбирка на македонски јазик во македонската литературна историја „Македонска песнарка“ (1879), во две книшки. Стихозбирката содржи три лични и повеќе народни песни. Исто така и во песните на оваа стихозбирка Ѓорѓија Пулевски ја истакнува непосредната поврзаност на Македонците со Александар Македонски, а Александар Македонски и Филип Македонски ги споменува како наши македонски цареви:
„Татковина ја ово место мило Македонцим,
кралевина била под краљом Филипом,
старо царство, јесте од цара Александра,
наш цар македонски, познат Александар велики ув вселену.
Он је наше царство во Полостров Балкански
је го оставил все горским Славјаним
Чујте, браќа наши јевропски христијани,
да ја наша судбина нами досадила
мије хоштеме нашу домовину.
Ево днеска в македонскеј кралевини наши браќа тужат
зашто само назе под ропство оставајет
зато и мије хоштеме своју домовину]!
Братије наши Македонци од православну веру,
да се сви сложиме, јуначки бориме,
како наши стари под цар Александром,
повтор спомен своим имјам по нас оставиме!
Историју стару да ју оживиме,
мије глејте сега да ју исполниме.“
Стихови од песната „Македонцим ув прилог“ од стихозбирката „Македонска песнарка“ ,1879.
Во следната 1880 година излегува од печат и „Слогница речовска“, којашто претставува прва публикувана граматика на македонскиот јазик. Во неа Пулевски се обидел да создаде основни норми на македонски литературен јазик, комбинирајќи го централно-македонското наречје со словенската писмена традиција во Македонија, креирајќи при тоа мошне интересна лексика и позајмувајќи зборови и од другите словенски јазици, но секогаш изразито македонизирани.